Како функционира линијата
Процесот започнува со поставување на плочестиот материјал на лифт-масата кај CNC nesting машината. Материјалот може да се поставува со вилушкар или со автоматизиран систем/робот, во зависност од конфигурацијата на линијата и потребното ниво на автоматизација.
По поставувањето, следува автоматско етикетирање на плочата. На материјалот се лепат етикети со баркод, димензии и информации за секое парче, со што се обезбедува целосна следливост низ целиот производствен процес.
Потоа плочата се транспортира кон CNC nesting машината. Машината автоматски го презема материјалот со вакуумски систем, го позиционира и започнува со високопрецизно кроење. По завршување на кроењето, готовите елементи автоматски се префрлаат на транспортна трака, додека паралелно се подготвува нов необработен панел. На овој начин се намалува мртвото време и се постигнува максимална искористеност на машината.
Готовите парчиња потоа ги презема роботски систем, кој ги поставува на транспортна трака и ги насочува кон кантерица. Доколку процесот не е целосно синхронизиран во одреден момент, пред кантерицата има поставен лифт/бафер систем, кој привремено ги складира парчињата додека не се ослободи следната работна позиција. Ова овозможува линијата да продолжи да работи стабилно и без застој.
Во делот за кантирање, елементите автоматски се обработуваат според зададениот редослед. По потреба, мост/роботски систем ги прифаќа и ги врти парчињата на соодветната страна, зависно од тоа дали елементот треба да се кантира од две, три или четири страни. Елементите што имаат дополнително кантирање продолжуваат кон соодветната насока, додека готовите елементи се пренасочуваат кон следната фаза — CNC бушење.
Пред CNC бушилицата има поставен уште еден лифт/бафер систем, кој овозможува елементите да се складираат доколку е потребно за целата линија да работи синхронизирано. Потоа елементите продолжуваат кон CNC бушење, каде што автоматски се изведуваат потребните операции: бушење, странични отвори, канали, отвори за спојници, шарки и други обработки, во зависност од проектот.
По завршување на бушењето, елементите продолжуваат кон делот за автоматско сортирање. Таму роботски систем ги прифаќа готовите парчиња и ги сортира во вертикален магацин според број, нарачка, димензии или структура на производот. Софтверот точно знае од колку парчиња се состои еден производ, на пример комода, кујнски елемент или плакар, и ги пушта елементите по редослед погоден за пакување, склопување или понатамошна логистика.
Целосна софтверска контрола
Целата линија е софтверски контролирана. Во секој момент може да се следи што се обработува, во која фаза се наоѓа секое парче, колкав е моменталниот капацитет и како функционира производствениот процес.
Системот е поврзан со дизајн и nesting софтвер, листи на делови, баркод систем, програми за бушење и различни формати на датотеки како DXF, NC, MPR, XML, CIX, TXT, XLS и други, во зависност од потребите на клиентот.
Со ваков систем се добива подобра организација, помалку грешки, подобра искористеност на материјалот, поголем капацитет и значително помала зависност од рачна координација меѓу операторите.
Капацитет и простор
Основната конфигурација на ваква линија може да постигне капацитет од 80 плочи во една работна смена, во зависност од типот на материјал, димензиите на елементите, бројот на операции, бројот на кантирања и структурата на нарачките.
За линија од ваков стандарден тип потребен е простор од приближно 1000 m², зависно од конкретниот layout, начинот на движење на материјалот, магацинскиот простор, системот за сортирање и дополнителната опрема.
Линијата може да се надградува според потребниот капацитет. Во зависност од производството, може да се конфигурира со 2, 3 или 4 CNC nesting машини, 2, 3, 4 или повеќе кантерици, 2, 3, 4 или повеќе CNC бушилици, дополнителни транспортни системи, роботски позиции, бафери и системи за автоматско сортирање за да се постигне потребниот капацитет.
Индивидуална конфигурација според потребите на клиентот
Секоја производствена линија се проектира индивидуално, според реалните потреби на клиентот. Не постои едно универзално решение за сите производители, бидејќи секоја фабрика има различен тип на производ, различни димензии на материјал, различен капацитет, различен простор и различен степен на автоматизација.
При подготовка на понуда се анализираат:
• тип на производство: кујни, плакари, корпусен мебел, сериско производство или мебел по мерка;
• димензии на плочите;
• дебелина на материјалот;
• минимални и максимални димензии на елементите;
• број на кантирања;
• тип на кант трака и систем за лепење (пур, ева);
• потребни операции на CNC бушење;
• систем за отпрашување;
• потребен капацитет по смена;
• начин на сортирање;
• степен на автоматизација;
• постоечки или планиран софтвер;
• расположлив простор во производството;
• дополнителна линија за картонско пакување.
Во зависност од потребите, линијата може да биде целосно автоматизирана или комбинирана со човечки фактор на одредени позиции. Целта е да се понуди најпрактично и економски оправдано решение за конкретното производство, без непотребна инвестиција во опрема која клиентот реално нема да ја користи.
За кого е наменета оваа линија
Овој тип на автоматизирана линија е наменет за производители кои веќе имаат сериозен обем на работа и сакаат да направат следен чекор во организацијата на производството.
Особено е погодна за компании кои имаат потреба од:
• поголем дневен капацитет;
• помалку рачна манипулација со елементите;
• намалување на грешки во кроење, кантирање и бушење;
• подобра следливост на секое парче;
• автоматско сортирање по нарачка;
• побрзо пакување и подготовка за монтажа;
• подобра искористеност на просторот и работната сила;
• стабилен процес кој не зависи целосно од искуството на операторите.
RADEK поддршка и консултација
RADEK не нуди само машини, туку комплетно производствено решение. Нашиот тим учествува во анализа на потребите, избор на соодветна конфигурација, подготовка на понуда, организација на испорака, монтажа, пуштање во работа, детална обука на оператори и сервисна поддршка.
Доколку планирате автоматизација на производство на плочест мебел, контактирајте го тимот на RADEK. Заедно ќе ги анализираме вашите потреби и ќе предложиме решение кое е практично, скалабилно и прилагодено на вашето производство. Врз основа на добиените информации се подготвува техничко решение кое најдобро одговара на производот, капацитетот, просторот и буџетот на клиентот.
RADEK е синоним за квалитет, прецизност и долгорочна сигурност во индустријата. Секоја машина е произведена во согласност со највисоките индустриски стандарди, користејќи само докажани и висококвалитетни компоненти. Со посветеност на секој технички детал - од дизајн до конечно тестирање - гарантираме долг работен век и беспрекорно функционирање на машините. Досега, RADEK успешно инсталираше повеќе од 4.500 машини во Македонија и низ целиот балкански регион, поставувајќи нови стандарди за ефикасност, поддршка и доверба.